Видови на претпријатија во Република Македонија
Законот за трговски друштва е основниот закон за регулирање на дејност во Македонија, кој ги дефинира видовите на компании, постапките и прописите за нивно основање и работење. На странските инвеститори им се даваат истите права и привилегии како и на македонски државјани. Законот е целосно хармонизиран со ЕУ директивите и правилата.
Во Градот Скопје постојат бројни локални правни застапништва специјализирани во сферата на трговското право кои се подготвени и достапни за помош.
Процедура за основање на претпријатие
Процедурата за основање на фирма во Република Македонија е прилично едноставна, со посета на еден шалтер, преку one-stop-shop системот за регистрирање на компанија во Централниот регистар на Република Македонија во Скопје, но и преку 28 електронски интегрирани канцеларии лоцирани низ Македонија. Странските компании можат да регистрираат компании и по електронски пат, почнувајќи од 2012. Оваа реформа овозможува регистрирање на фирми директно од земјата на инвеститорот, со што се елиминира потребата од физичко присуство во Скопје и во Македонија во процесот на регистрација на компанијата.
Времето за регистрирање на компанија е 4 часа. Во пракса, тоа може да потрае најмногу 1-2 работни дена. Ова значително ги намалува административните бариери и трошоци за започнување на бизнис.
Надоместот на Централниот регистар за регистрирање на Друштво со ограничена одговорност е околу 40 €. Покрај овој трошок, можни се и минимални дополнителни трошоци за судски преводи и заверка на нотар на потребните документи, која чини околу 3 € до 5 € по страница.
Потребна документација за регистрирање на компанија во Централниот регистар е следната:
• Пријава за упис;
• договорот за друштвото, односно изјавата за основање на друштвото, со сите прилози вклучувајќи го и полномошното за полномошникот, заверени од нотар;
• копија од пасош или од лична карта ако основач е физичко лице, од друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја, доказ за регистрација ако основач е правно лице;
• доказ од банка овластена за вршење платен промет дека секој основач уплатил најмалку една третина од паричниот влог;
• доказ дека е уплатена најмалку половина од основната главнина;
• ако се внесуваат непарични влогови- договорите со коишто тие се утврдуваат и спроведуваат;
• одлуката за избор на управител;
• изјава на секој управител на друштвото дека го прифаќа изборот- заверена кај нотар;
• одлуката за избор на членовите на надзорниот одбор;
• доказ за сопственост во којшто е извршена прибелешка во јавна книга за евиденција на недвижни ствари, а ако се внесува подвижна ствар за којашто со закон е определена обврска за евиденција (регистар),доказ за сопственост над подвижната ствар;
• дозвола или друг акт на државен орган или на друг надлежен орган ако таа обврска е определена со закон за упис на друштвото во трговскиот регистар;
• изјава од застапникот по закон на правно лице, односно изјава од физичко лице, заверена кај нотар, односно приложување доказ дека не постои пречка за да биде основач на друштвото, во согласност со членот 29 ЗТД;
• Изјава во којашто ги наведуваат дејствијата извршени со цел правилно да се основа трговско друштво и со којашто тврдат дека друштвото го основале во согласност со закон и дека податоците содржани во прилозите (исправите и доказите) коишто ги поднесуваат кон пријавата за упис на основањето во трговскиот регистар се вистинити и се во согласност со закон. Изјавата може да биде поднесена во писмена форма или во електронска форма преку едношалтерскиот систем во согласност со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис, Законот за Централниот регистар на Република Македонија и прописите за едношалтерски систем. Истата се заверува кај нотар, односно не се заверува во случај кога се поднесува во електронска форма преку едношалтерскиот систем. (член 32 од ЗТД);
• Управителот, односно лицата кои според договорот за друштвото, се овластени за застапување приложуваат потписи – заверени кај нотар. Странските лица можат да приложат потпис заверен кај надлежниот орган во земјата чиишто државјани се. Потписот не се заверува кај нотар ако се поднесува во електронска форма согласно со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис;
• Прилозите можат да бидат поднесени во електронска форма согласно со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис и Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица.
Основната главнина на друштвото се состои од збирот на влоговите на содружниците. Влогот на содружникот може да биде паричен и непаричен. Непаричните влогови во целост се внесуваат пред поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото.
Минимумот капитал кој е потребен за компанија со ограничена одговорност, регистрирана како странска директна инвестиција, во рок од една година од основањето е 5.000 евра паричен придонес во некоја од домашните банки на привремени сметки.
За дејности во одредени полиња како фармацевство, банкарство, осигурување и образовни активности, процесот за регистрирање на компанија е проследен со лиценцирање од релевантните авторитети. Вработените во централниот регистар се обучени да ги насочат ново регистрираните компании до соодветните тела или институции за нивното лиценцирање.
Работни визи / дозволи за работа
Странските жители лесно може да се вработат во Република Македонија, по добивање на соодветната виза или дозвола од Министерството за надворешни работи, односно дипломатско-конзуларните претставништва во странство.
Државјаните на земјите-членки на ЕУ или на државите од Шенгенскиот договор може да влезат во Република Македонија со презентирање на валидна лична карта издадена од надлежните органи на земјите-членки на ЕУ или на државите од Шенгенскиот договор.
Издавање на визи за странски државјани
• Визи се издаваат само во амбасади или конзулати на Република Македонија во странство;
• Рокот на важење на пасошот или друга патна исправа на подносителот на барањето мора да биде најмалку 3 (три) месеци;
• Барањето може да се достави до амбасада / конзулат на Република Македонија по пошта или по факс, во кој случај подносителот на барањето мора да се обрати за виза лично;
Користејќи ја листата на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство (која може да се најде во Министерството за надворешни работи, кандидатите можат да ја изберат амбасадата / конзулатот која најмногу локациски одговара за да поднесат барање за виза.
Странските државјани во Република Македонија може да добијат два вида на дозволи:
• Работна дозвола и
• Дозвола за престој.
Пристап до информации за потенцијални партнери и добавувачи
Со развој на принципите на транспарентност и достапност, Владата овозможува економските субјекти да имаат пристап до значајни и точни податоци за потенцијални бизнис партнери. Централниот регистар располага со лесно достапна база на податоци за компаниите, која е поврзана со Европскиот Бизнис Регистар .
Недвосмислената идентификација на компаниите се обезбедува така што се доделува единствен матичен број на регистрираните правни лица, се доделува еден код и наслов на главната регистрирана активност или дејност во склад со Националната класификација на дејностите, код на организационата форма на регистрираниот субјект, при што се доделува единствен даночен број и пристап до банкарска сметка избрана од страна на регистрираното правно лице.